Спроведување на функционална анализа во органите од јавниот сектор
Што претставува функционалната анлиза?
Главната цел при спроведување на Функционалната анализа е дефинирање на основните функции кои ги врши институцијата што ќе даде јасна слика за тоа колку самата институција е подговтена да спроведе одредени подобрувања кои ќе придонесат подобро вршење на нејзините основни функции. Овој процес треба да произведе документ кој ќе даде осврт на ефикасноста и ефективноста на извршувањето на работите и работните задачи во рамки на внатрешната поставеност, како и за дистрибуцијата на расположливите ресурси (кадровски, просторни, ИТ, технички и др.), од кои најзначаен секако е човечкиот капитал. Наодите и препораките кои ќе произлезат од спроведената функционална анализа треба да претставуваат водилки кон редефинирање на организациските приоритети, промена и подобрување на организациската структура и насочување на целиот капацитет на институцијата кон остварување на подобри резултати.
Обврска за институциите согласно ЗВЈС
Во согласност со Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на РМ“ број 27/14, 199/14, 27/16 и 35/18), институциите во јавниот сектор во Република Македонија имаат обврска да ги подготвуваат актите за внатрешна организација и систематизација врз основа на препораките произлезени од спроведената функционална анализа. Со актот за внатрешната организација се утврдува видот и бројот на организациските единици и нивниот делокруг на работа, додека со актот за систематизација се утврдуваат бројот, општите и посебните услови и описите на работните места.