Спроведување на функционална анализа во органите од јавниот сектор

Главната цел при спроведување на Функционалната анализа е дефинирање на основните функции кои ги врши институцијата што ќе даде јасна слика за тоа колку самата институција е подговтена   да спроведе одредени подобрувања кои ќе придонесат подобро вршење на нејзините основни функции. Овој процес треба да произведе документ кој ќе даде осврт на ефикасноста и ефективноста на извршувањето на работите и работните задачи во рамки на внатрешната поставеност, како и за дистрибуцијата на расположливите ресурси (кадровски, просторни, ИТ, технички и др.), од кои најзначаен секако е човечкиот капитал. Наодите и препораките кои ќе произлезат од спроведената функционална анализа треба да претставуваат водилки кон редефинирање на организациските приоритети, промена и подобрување на организациската структура и насочување на целиот капацитет на институцијата кон остварување на подобри резултати.

Во согласност со Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на РМ“ број 27/14, 199/14, 27/16 и 35/18), институциите во јавниот сектор во Република Македонија имаат обврска да ги подготвуваат актите за внатрешна организација и систематизација врз основа на препораките произлезени од спроведената функционална анализа. Со актот за внатрешната организација се утврдува видот и бројот на организациските единици и нивниот делокруг на работа, додека со актот за систематизација се утврдуваат бројот, општите и посебните услови и описите на работните места.